Годинава 122 лица биле жртви на полициска злоупотреба
четврток, 06 април 2006
Во 2005-та во Македонија имало 122 жртви на наводна полициска
злоупотреба и пречекорување на овластувањата – се вели во Извештајот на
Проектот за поддршка на човековите права, кој е поддржан од ОБСЕ.
Огромно мнозинство од наводните жртви се млади и полнолетни мажи, а
најголемиот дел на наводната полициска злоупотреба доаѓа од скопскиот
регион, следуваат кумановско-кривопаланечкиот и струмичкиот. Педесет и
две од 122-те наводни жртви се Македонци, 47 се Албанци и 18 Роми.
Присутен е и реваншизмот на полицијата кон оние кои се жалат.
„Во речиси сите случаи, наводните жртви, добиваат прекршочни пријави, најчесто за прекршување на јавниот ред и мир. На некој начин ова може да се сфати како еден вид реванш, затоа што покренале постапка против овластените службени лица,“ вели Петар јорданоски од ППЧП.
Од досега проверените 47 случаи, во 37 од нив, Секторот за внатрешна контрола во МВР утврдил дека нема прекршување на овластувањата. Во 10 случаи Секторот утврдил одговорност, но само против тројца полицајци се спроведени дисциплински мерки и тоа со одбивање на 15 отсто од платата, во Тетово паднала и една кривична пријава. Најголемиот дел од наводните злоупотреби ги извршиле униформирани полицајци, а во шест случаи се вмешани „алфите“.
ОБСЕ со забелешки на начинот на кој функционитра Секторот за внатрешна контрола – неефикасно и нетранспарентно, велат од ОБСЕ.
„ Во поголемиот дел од случаите, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди не ги известува жртвите во предвидениот рок, а во случаите кога се преземаат некои санкции тие најчесто се неефикасни и недоволни,“ велат од ОБСЕ.
ОБСЕ предлага Владата да ја разгледа можноста за создавање независен надворешен орган за испитување на полициската злоупотреба, или кадровско доекипирање на постојната Внатрешна контрола. Се препорачува и почесто користење на одредбата со која Јавниот правобранител во случај на повреда, може тоа да го објави во медиумите, на трошок на МВР.
Во заклучоците се вели дека многу често жртвите на полициска злоупотреба се плашат да покренат постапка против МВР.
Се бара и укинување на дискреционото право на министерот за внатрешни работи, кое тој еднаш и го применил – замена на отказот за полицаецот-злоупотребувач со парична казна.
(21.12.2005)
Автор: Љупчо Цветановски
Извор: Канал 5
http://www.kanal5.com.mk/ShowNews.aspx?ItemID=8728&mid=1500&tabId=1&tabindex=0