|
Судска медицина уште ги утврдува причините за смртта на Беќиров |
|
|
|
четврток, 21 септември 2006 |
Трет ден по пронаоѓање на телото, Судска медицина уште ги утврдува причините за смртта на Трајан Беќиров. И Народниот правобранител ги очекува резултатите од обдукцијата по што ќе превземе понатамошни активности.
„Ќе се обратиме во Институтот за судска медицина и ќе побараме информации во врска со резултатите од обдукцијата. Откако ќе ја завршиме постапката и во зависност од доказниот материјал, ќе излеземе со став. За сега се обративме до Воената болница, баравме информации дали Беќиров бил донесен во болницата. Бевме известени дека не престојувал таму“, изјави Уранија Пировска, портпарол на Народниот правобранител.
Невладината организација „Коалиција сите за правично судење“, поддржана од ОБСЕ, случајот на Трајан Беќиров го оценува како тежок.
„Се работи за тежок случај и во оваа фаза би било неблагодарно да кажам дека има вина на било која страна. Се надевам дека ќе има објективна истрага која ќе покаже како се случил настанот, има заинтересирано многу меѓународни организации за случајот и мислам дека обдукцијата ќе биде објективна“, вело Петар Јорданоски, НВО „Сите за правично судење“.
Родителите велат дека нема веднаш да го погребаат телото на Трајан. Доколку не се задоволни од македонската обдукција ќе побараат меѓународни судски експерти.
Дотогаш, смртта на Трајан Беќиров, кој ноќта на 10-ти мај бегаше од полициските Алфи останува енигма.
Адем Адеми
Извор: А1 (29.5.2006)
|