|
Видат ли полицаец, граѓаните сами си се тепаат! |
|
|
|
петок, 07 септември 2007 |
|
Лицето што полицијата го носела во полициска станица почнало само да си ја удира главата од вратата на комбито и легнало на земја, па се вртело додека не си го изгребало лицето. Утврдено е дека самиот намерно си нанел телесни повреди, а не го повредил полицаецот. Ова е официјална „вистина“ за еден немил настан, што ја содржи записникот за истрагата што ја спровел Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди (СВК при МВР по претставка на граѓанин). Тоа е еден случај со кој Проектот за поддршка на човековите права вчера ја бранеше констатацијата дека полицијата применува повеќе сила отколку што треба, а потоа при МВР вели дека граѓаните сами се тепаат. Петар Јордановски, координатор на проектот, цитираше уште еден записник од истрага на СВК, каде што 50-годишен човек успеал да натепа дури двајца од припадниците на „Алфите“, па затоа дошле уште тројца од припадниците на оваа елитна единица да го скротат и му нанеле телесни повреди. И тука, според секторот за внатрешна контрола, немало место за дисциплинска мерка на службените лица на МВР. - Имаме случај кога еден граѓанин бил застанат на полициски пункт и откако одбил да им даде мито на полицајците, за кое не тврдиме дека го побарале, еден од полицајците пукал со службениот пиштол во воздух. СВК утврди дека полицаецот ништо не згрешил и покрај тоа што имало решение на истражен судија дека е пукано од службениот пиштол - изјави Јордановски. Поради овие и уште стотина слични случаи, граѓаните се во подредена положба на полицијата - сметаат партнерите на проектот. Според нив, Секторот за внатрешна контрола не дејствува независно, туку по директивите на МВР. Спротивно на ова, другата страна, МВР, тврди дека граѓаните се тие што се почесто ги тепаат полицајците. МВР од почетокот на годината поднела 30 кривични пријави за напад врз службено лице и 24 пријави за спречување за извршување на должност. Благица ИВАНОВА Извор: Шпиц (23.08.2007)
|