|
Од нелогични и неразумни до комични. Такви се извештаите на внатрешната контрола на МВР кога сакаат да ја затскријат вистината за пречекорување на полициските овластувања од нивни колеги. Ова е констатација на пет невладини организации кои ја следат работата на овој сектор. Сам паднал и се здобил со тешки повреди. „Алфи“ чувале 50-годишник, но тој паднал на тротоар, се дел од примерите кои ги посочува невладиниот сектор. Нелогичностите се видливи во површноста на спроведените истраги. „Додека граѓанинот лежел на земја врзан со лисици, истиот продолжил да клоца со нозете кон овластените службени лица и да се тркала по тротоарот, пријавувајќи посебна упорност и агресивност и нанесувајќи си тешки телесни повреди“, рече Петар Јордановски, коалиција „Сите за правично судење“. „Натаму во истиот случај се вели: При превезување со службеното возило до полициска станица истиот продолжил да се однесува дрско и агресивно, удирајќи ја својата глава во внатрешниот дел од возилото“, додаде Јордановски. Неопходно е да се отстранат нелогичностите и пристрасноста кон колегите полицајци, посочува невладиниот сектор. Во истрагите на внатрешната контрола да се вметне и цивилниот механизам, за да нема затскривање на вистината. Сепак, од МВР ваквите обвинувања ги отфрлаат. Сметаат дека се неосновани, а дека полицајците за прекумерна сила се казнуваат. Миле Риствески Извор: А1 (22.08.2007 )
|