|
Медиумските апсења и приведувања со лисици пред објективот на камерите се методите што се користат во полициските држави, а не во демократските општества, велат од коалицијата „Сите за правично судење“. - Недозволиво е високи функционери од МВР да тврдат дека имаат несоборливи докази за вината на осомничените. Според сите закони, процената на доказите ја прави судот, а не Министерството за внатрешни работи - вели Петар Јордановски, проект-координатор во коалицијата. Според Јордановски, проблем е тоа што не се почитува принципот на пресумпција на невиност, кој е загарантиран со Уставот на Македонија. - Кога некој е приведен со лисици и тоа се прикажува на телевизија, луѓето по автоматизам мислат дека човекот е виновен. А ако испадне обратно, таа перцепција нема да се смени, туку ќе остане. Не само што државата нема самоконтрола кога апси, туку и медиумите се во трка по сензација и не се грижат за човековите права - вели Мирјана Најчевска, експерт за човекови права и политиколог. Според неа, граѓаните за кои ќе се докаже дека се невини треба да ја тужат државата. Само така, МВР и министерката ќе се научат да не ги жигосуваат луѓето предвреме, додава Најчевска. - Луѓето не се решаваат да ја тужат државата. Кај нас се избира да се молчи - тврди Најчевска. Минатата недела пред објективот на камерите беа приведени директорот на фабриката ОХИС, Јорго Ќука, и осумте членови на управниот одбор. Од Владата тогаш рекоа дека медиумските апсења се практика во Европа и во Америка, па затоа не гледаат проблем тоа да се прави и кај нас. За Најчевска ова е „празна споредба“. Странските телевизиите Си-ен-ен и Би-би-си во моментот се соочуваат со тужби од повеќе невладини организации, токму поради спектакуларни апсења. - Кога Владата прави споредби, нека ги земе предвид и лошите страни, не само добрите - коментира Најчевска. Благица Иванова Извор: Шпиц (06.08.2007)
|