|
Театрални апсења и нервозни "алфи" во 2007 |
|
|
|
вторник, 29 јануари 2008 |
Злоупотреба на полициска должност, проблематични "алфи" и спектакуларни апсења се само дел од забелешките во годишниот извештај на коалицијата "Сите за правично судење" од Проектот за поддршка на човековите права - ППЧП, кој вчера беше презентиран во скопскиот хотел "Холидеј ин". Од 1 ноември 2006 до 31 октомври 2007 година невладините организации регистрирале 51 случај на пречекорување на полициските овластувања или 16 отсто намалување во однос на лани. Најмногу евидентирани жртви на полициска злоупотреба се мажите, дури 90 отсто, а од нив најмногу се полнолетни и Македонци, потоа Албанци, Роми и 3,5 отсто Бошњаци. Според годишниот извештај на НВО, во случаите во кои се инволвирани припадниците на специјалните полициски "Алфи", паѓа в очи забележителна суровост и малтретирање на жртвите. Најгорлив проблем на кој посочува НВО е тенденција на спектакуларните апсења, случаи на приведување и притворање граѓани пред очите на јавноста и на новинарите и давање изјави на високи функционери на МВР без да се чека резултатот од судењето. Во извештајот стои оти постапките по поднесени кривични пријави до Јавното обвинителство во дел од случаите се долготрајни и неефикасни за жртвите на неправилно однесување од полицијата. Имало случаи каде што истрагата се уште трае, иако постапката е иницирана пред повеќе од 3 години. Извор: Вест (В. Г.)
|