|
Соопштение до јавноста и медиумите |
|
|
|
понеделник, 16 јуни 2008 |
|
Коалицијата „Сите за правично судење“, Скопје, во свое и во име на имплементаторите на Проектот за поддршка на човековите права најостро го осудува вчерашното спектакуларно приведување на градоначалникот на Општина Аеродром , Кирил Тодоровски како и на неговите соработници.
Со начинот на приведување кој беше најавен во медиумите уште неколку часа пред самата акција ,како и самото присуство на медиумите при чинот на лишување од слобода, покажа дека Полицијата и понатаму продолжува да спроведува спектакуларни апсења и јавно жигосување на граѓаните без да се почитува основното право на Презумпција на невиност.
Со начинот на кој беа информирани медиумите, Полицијата јавно ги прекрши и подзаконските правила за заштита на идентитетот на граѓаните и дозволи медиумите да го снимаат приведувањето на градоначалникот на Општина Аеродром и неговите соработници и на тој начин уште пред започнување на било каква правна постапка јавно ги прогласат за виновни.
Оваа тенденција продолжува , и Коалицијата се запрашува дали со самото сомневање за сторено кривично дело , секое лице ќе биде жигосано во интерес на МВР , се со цел да се покаже нивната ефикасност во борбата со организираниот криминал.
Во секој случај , полициските органи (извори) кои ги изнеле овие информации на медиумите треба да имаат основно познавање на поимите основано сомнение, обвинение и осуда кои се фази при крајното утврдување на сторено кривично дело. Во оваа фаза на основано сомнение за кривично дело ,полицијата како и медиумите, се должни да го почитуваат правото на презумпција на невиност ,според кое вината се потврдува со правосилна судска пресуда.
Се до тој момент, сите ние како граѓани сме должни да ги почитуваме основните човекови слободи и права кои се загарантирани со Уставот, Законите и меѓународните договори ратификувани од Република Македонија.
Коалиција „Сите за правично судење“
|