|
Зголемен бројот на случаи на полициска злоупотреба |
|
|
|
недела, 14 март 2010 |
|
Бројот на пријавени случаи за полициска злоупотреба во текот на 2009 година е зголемен за речиси 16 отсто во однос на 2008 година. Полициската злоупотреба и покрај пријавите од граѓаните е неефикасно третирана од Јавното обвинителство, а истовремено и судот води долготрајни постапки со што се доведува во прашање судењето во разумен рок. Ова го покажа правната анализа „Ефикасност во заштитата на човековите права при пречекорување на полициските овластувања“, што беше презентирана вчера во НВО Инфоцентарот.
Од вкупно пријавените 42 случаја, во 21 граѓаните се пожалиле на прекумерна употреба на сила, во пет случаи за малтретирање во вршење на службата, во два случаја за навредувачко и понижувачко однесување, а во шест случаи за незаконско или непрофесионално постапување од страна на полициските службеници. Непостапување или непреземање мерки за заштита на животот или имотот на граѓаните е забележано во четири случаи, во два наврата е забележано незаконско постапување при претрес на дом и лице, а евидентирани се и два случаја за злоупотреба на службената должност. Проектот го имплементираа здруженијата на граѓани Форум за правата на Ромите – Арка од Куманово, Центар за граѓанска иницијатива од Прилеп, Центар за демократски развој од Тетово, Избор од Струмица и коалицијата „Сите за правично судење“. Проектот во 2009 година беше поддржан од Фондацијата институт отворено општество - Македонија и Фондот за жртви од тортура при ООН, а продолжува да се имплементира и во 2010 година со поддршка на ЕУ. (Е-репортер) Извор: Утрински весник, 24.02.2010 |